Сподели:

Состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација, помеѓу Европската комисија и Република Македонија

Скопје, 3 октомври 2018 година


Осмиот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација (СГ-РЈА) помеѓу Европската комисија и Република Македонија се одржа на изминатите два дена во Скопје, како дел од работните тела на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Со состанокот ко-претседаваа Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација и Дејвид Кален, раководител на одделение во Генералниот Директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија.

Состанокот го отвори министерот за информатичко општество и администрација  Дамјан Манчевски, а учествуваа и Калинка Габер, државен секретар од Секретаријатот за европски прашања, како и претставници од Европска Комисија, претставници на земјите членки на ЕУ, како и претставници од релевантните институции од Македонија.

На состанокот се зборуваше за неколку теми: стратешката рамка за реформа на јавната администрација, вклучувајќи ја и програмата за реформи во управувањето со јавни финансии, управувањето со човечки ресурси во јавниот сектор и правичната застапеност, развојот на политики и координација, испораката на услуги, како и за одговорноста и транспарентноста на јавните институции.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски потврди дека реформата на јавната администрација останува клучен приоритет на Владата и дека во изминатиот период МИОА заедно со институциите носители на активности работеа посветено на имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 - 2022 со Акциски План.

Министерот Манчевски се осврна на клучните реформски активности кои ќе бидат преземени во претстојниот период, а се однесуваат на подготовка на концепт за создавање висока раководна служба, спроведување на хоризонтална функционална анализа на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби од централна власт, како и активности за унапредување на примената на Законот за општа управна постапка.

Европската комисија нагласи дека реформата на јавна администрација останува една од клучните области во однос на евроинтеграцијата на Македонија. Двете страни се обврзаа да продолжат да работат заедно за сите прашања кои се однесуваат на реформите во областа. Како и минатата година, така и оваа, заклучоците од СГ-РЈА ќе бидат објавени на веб страната на МИОА во текот на следните денови.

СГ-РЈА беше формирана на седмиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој се одржа на 03ти и 04ти јуни, 2010 година во Скопје.  

 


Министерство за информатичко општество и администрација

MINISTER

Minister od information society and administration

Search form