Сподели:

Министерот Манчевски на состанок за дигиталната агенда во Подгорица

Подгорица, 8 октомври 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, е во еднодневна посета на Подгорица, Р. Црна Гора.

Во рамки на посетата тој беше дел од состанокот на ресорните министри од Западен Балкан задолжени за администрација и информатичко општество на тема: „Дигитална агенда за Западен Балкан“.

На состанокот се зборуваше за обврските кои произлегуваат од Дигиталната агенда, кои се дел и од заклучоците од првиот Дигитален самит, што се одржа во Скопје.

Покрај министерот Манчевски, на состанокот присутни беа еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел, министерката за јавна администрација на Црна Гора, Сузана Прибиловиќ, Ратка Секулиќ, директорка на Регионалната школа за јавна администрација, заменик министерката за инфраструктура и енергетика на Албанија, Дорина Чинари, Махир Јагчилар, министер за јавна администрација на Косово, како и амбасадорот на Европската Унија во Црна Гора, Аиво Орав.

Министерот Манчевски се осврна на моменталните активности на кои работи МИОА, а се во контекст на дигитализација на Македонија.

„Македонија за првпат прави исчекор во обезбедување на систематизиран пристап во реализација на предвидените активности. Во тој контекст ја подготвивме првата Стратегија за отворени податоци, заедно со Акциски план, и првата Стратегија за сајбер безбедност. Исто така, за првпат се дефинираат областите каде не постојат брзи и ултра брзи комуникациски мрежи или операторите во следните три години немаат планови за инвестиции во вакви мрежи. Ова има за цел преглед на телекомуникациски ресурси, за да може ефикасно да се користат во иднина и да не се дуплираат инвестициите“, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за сајбер безбедност, министерот ја презентираше идејата за отворање на регионална академија за сајбер безбедност, во Македонија, за што претходно разговараше и со еврокомесарката Мариа Габриел.

„Во моментов во Европа и во Македонија се случува неделата посветена на кодирање. Оваа година рекорден број на училишта во Македонија се пријавија со многу иновативни проекти, што особено ме радува. Целта на овие активности е и најмладите да бидат вклучени во процесот на дигитализација и да бидат во тек со европските настани од оваа област“, информираше министерот Манчевски.

На состанокот беа разменети искуства и презентирани планирани активности кои се дел од развојот на дигиталното општество и остварување на целите кои се дефинирани во дигиталната агенда за Западен Балкан.

Министерство за информатичко општество и администрација

MINISTER

Minister od information society and administration

Search form