Сподели:

Заменик министерот Бајдевски учествува на министерска конференција за иновации во Белград

Белград, 08 октомври 2019 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски учествува на четвртата министерска конференција на Кина и на 17 земји од централна и источна Европа, што се одржува во Белград, посветена на соработката во областа на иновациите.

Во своето обраќање, заменик министерот Бајдевски потенцираше дека иновациите, заедно со претприемништвото, претставуваат силен катализатор за економски раст и развој на една земја. Затоа како што рече, една од главните цели на Владата на Северна Македонија е обезбедување на одржлив екосистем и неопходен стимул, со цел иновативните претприемачи и компаниите да ја искористат моќта на технологијата.

„Во февруари 2019, МИОА, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, го воспоставија концептот за Научно-Технолошки парк, како примарен субјект за обезбедување на инфраструктурна и финансиска поддршка за иновации. Целта на овој технолошки парк е стимулирање на иновациите, претприемништвото и економскиот раст и креиеање на целосно нов еко-систем во кој малите и средните претпријатија ќе можат да растат и меѓусебно да се поврзуваат. Улогата на Владата во оваа смисла е да обезбеди финансиски средства и други ресурси, со што ќе поддржи истражување, развој, како и раст на стартапите во нивните најкритични фази„, истакна Бајдевски.

Тој додаде дека Научно-Технолошкиот парк е еден од трите столбови на Планот за економски раст на Република Северна Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки и финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд-инвестиции, креирање нови и подобро платени работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на бизнис-соработката и неповратната финансиска поддршка за компаниите.

„Овие два столба ќе се спроведат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции. Главната цел на Законот за финансиска поддршка на инвестиции е да постави правна основа за формализирање на поддршката и за спроведување мерки од Планот за економски раст. Ова ќе доведе до поддршка на нови претпријатија, намалување на стапката на невработеност, зајакнување на конкуренцијата, ефикасноста и продуктивноста, поттикнување соработка меѓу домашни и странски компании, како и зголемување на инвестициите. Процедурата за добивање финансиска поддршка се темели на транспарентност, недвосмисленост, прецизност, еднакви можности за сите деловни субјекти“, нагласи заменик министерот Бајдевски.

На оваа министерска конференција за иновации, учествуваат најрелевантните претставници на иновациските екосистеми и голем број министри и високи официјални лица од земјите од централна и источна Европа, меѓу кои министерот за иновации и технолошки развој на Србија Ненад Поповиќ, кинескиот министер за наука и технологија Ванг Џанг, министерот за истражување и иновации на Романија Николае Хурдук, министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина Мирко Шаровиќ и други.

Министерство за информатичко општество и администрација