Сподели:

Четвртата трибина посветена на дигитализацијата се одржа во Струмица

Струмица, 10 февруари 2020

Министерството за информатичко општество и администрација продолжи со организирањето настани посветени на дигитализацијата.

Во Струмица денеска се одржа четвртата од серијата предвидени јавни трибини за Дигитализација на јавните услуги во Република Северна Македонија.

На трибината се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, како и градоначалникот на Општина Струмица Коста Јаневски.

На трибината се зборуваше за дигитализацијата на земјата, како и за нејзината улога во професионализацијата на јавната администрација. Посебен акцент беше ставен на Националниот портал за електронски услуги како електронска платформа достапна на https://uslugi.gov.mk, преку која на граѓаните им се овозможува да добијат информации за јавните услуги и да користат е-услуги од надлежни органи, значително олеснувајќи го административниот процес.

За тоа како дигитализацијата на јавната администрација ќе ја олесни работата на бизнис заедницата, говореше Глигор Ризов од компанијата SourceMX, а на трибината се обрати и Мими Табанова, претседателка на Здружението за локална демократија Центар на заедницата.

На денешната трибина соговорниците истакнаа дека дигитализацијата претставува неопходност во денешното модерно време, при што разменија искуства во однос на тоа прашање и изразија подготвеност за меѓусебна соработка.

Во рамки на општина Струмица беше отворен регистрационен пулт, каде што граѓаните кои нема да можат сами да се регистрираат на порталот за е-услуги, тоа ќе можат да го направат со помош на овластено службено лице.

 

Министерство за информатичко општество и администрација