Сподели:

Одржана конститутивна седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство-ОВП и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020

Скопје, 08 мај

На 6 мај се одржа конститутивната видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 (Совет). На седницата се официјализираше конституирањето на Советот како советодавно тело за ОВП на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови (АП).

Седницата ја отвори министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, осврнувајќи се заложбите на Владата за отворено партнерство, инклузивност и транспарентност. Министерот потенцираше дека Советот ќе има значајна улога и на структуриран начин ќе го максимизира учеството и соработката помеѓу институциите и граѓанското општество, преку вклучување релевантни партнери во дискусијата и овозможување да се слушнат гласовите на сите.

Министерот истакна дека во изминатиот период беше постигнат успех за проширување на оваа иницијатива и во рамките на Собранието. Овој успех е очекувано да биде надополнет во текот на следниот период со приклучување на судството во оваа значајна иницијатива за Отворено судство со новиот Акциски план за следните две години. Се надеваме дека ќе успееме во ова за да можеме да кажеме дека оваа иницијатива ќе може да ја препознаеме како Партнерство за отворена власт.

Министерот Манчевски се осврна и на промените кои се неизбежни како одговор на борбата со Ковид-19. „Нов и неочекуван предизвик е борбата за здравјето, односно борбата со Covid-19. Колку и да користиме технолошки решенија и се обидуваме процесите да не запрат, мора да се подготвиме и за новиот начин на функционирање. Повторно алудирам на новите технологии, кои ни даваат неограничени можности. Но, пак ќе нагласам дека ќе мора да излеземе од сегашното нормално, мора да сме отворени за промени.“

На седницата се обрати и Сандра Пернар, регионална координаторка на ОВП за Европа, која упати честитки за официјалното воспоставување на Советот и укажа на успесите на Република Северна Македонија во рамки на меѓународната ОВП иницијатива, во поглед на унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите, како и нивото на соработка меѓу властите и граѓанското општество, што го покажува и денешното воспоставување на Советот. Препознаениот потенцијал на Република Северна Македонија придонесе таа во наредните три години да биде земја во фокусот на меѓународната иницијатива за ОВП и со своите амбициозни заложби и партнерство на засегнатите страни да послужи како модел за земјите во регионот. ОВП во овој период се фокусира на одговорот и опоравувањето од кризата и последиците од неа, за што развива модели, препораки и форуми за поддршка во развивањето на мерките на сите земји – членки за справување со предизвиците од пандемијата.  

Гордана Гапиќ Димитровска, која е национална координаторка на Република Северна Македонија за ОВП во МИОА, укажа на задоволството од конституирањето на Советот кој ќе има значајна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на ОВП низ циклусот на планирање, во развојот на АП и во спроведувањето, следењето и известувањето за АП. Советот се формира со цел да се поттикне транспарентноста и отвореноста на работата на органите на државна управа и учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата ОВП во Република Северна Македонија, да се обезбеди меѓу секторска соработка и да се воспостават јасни, структурирани и трајни механизми за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество; да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на ОВП во подготовката на акциските планови за ОВП и за поддршка, поттикнување и следење на спроведување на тековниот акциски план. Овој Совет е составен од 14 члена со еднаков број членови од институциите и од граѓанското општество, и ќе биде управуван од еден претставник од органите на државната управа и еден од избраните претставници од граѓанските организации (двајца ко-претседатели), што ќе биде прв ваков модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава. Во наредниот период се очекува интезивирање на активностите во однос на реализација на тековниот АП но и утврдување нова временска рамка и утврдување на приоритетите во пресрет на ко-креирањето на новиот петти по ред АП, каде значајна улога и придонес се очекува од Советот.

Сунчица Костовска-Петровска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, како член на Иницијативниот одбор на мрежата на граѓански организации за ОВП, ја претстави воспоставената неформална мрежа од 69 организации – членки, како дел од иницијативата на МИОА и граѓанските организации за создавање структура за консултација и координација во граѓанското општество, како и помеѓу владата, граѓанските организации, граѓаните и другите заинтересирани страни за дизајнирање, спроведување, поддршка, промоција и мониторинг на приоритетите и иницијативите на ОВП. Улогата на мрежата ќе биде да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ОВП. Со цел да го координира и зајакне гласот на ГО кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите, во соработка со Советот и МИОА мрежата ќе настојува да ја поттикне и зголеми информираноста, вклученоста и посветеноста на учесниците за развој на АП, како и мониторинг на спроведувањето, преку инклузивен процес кој ги вклучува сите засегнати страни.

Бардил Јашари од Фондацијата Метаморфозис ја модерираше оваа свечена видео седница на Советот. Развивајќи интернет алатки, Фондацијата Метаморфозис ќе придонесе за развој на ОВП во нашата земја преку воспоставување на интернет платформа која ќе користи за информирање, консултации, следење и размена на знаења меѓу сите вклучени страни во ОВП – институциите, граѓанските организации, граѓаните, Советот, мрежата; а истовремено ќе понуди интернет алатки за комуникација и координација во развивањето на новиот АП за 2020-2022 година.

На средбата учествуваа 36 претставници од институциите, граѓанските организации, меѓународните организации, меѓу кои членовите на Советот, членовите на работната група со сите чинители за спроведување на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, членовите на Иницијативниот одбор на мрежата на граѓански организации за ОВП, Меѓународниот републикански институт и Националниот демократски институт.

Ели Чакар од Министерството за локална самоуправа, како член на Советот упати честитки до сите присутни за напорите во овие услови да продолжи работата во која беа вложени многу напори во изминатиот период и да се работи партнерски на развој на граѓанското учество, транспарентноста и отчетноста на институциите. Укажа на напредокот и спремноста на институциите да соработуваат со граѓанските организации и да го прифатат мониторингот на својата работа како конструктивна и позитивна критика и препорака за развој и унапредување на институциите во обезбедувањето услуги кон граѓаните.

Жарко Хаџи-Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи, кој заедно со Врховниот суд, Судскиот совет и претставници од другите судови работи на развивање на планот за отворено судство, посочи дека до средината на мај изработениот двегодишен нацрт план ќе биде претставен и достапен за консултации и препораки од сите заинтересирани страни.

***

Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

За да станат дел од иницијативата за ОВП земјите-членки подготвуваат двегодишни национални акциски планови развиени со јавни консултации, редовно известуваат за напредокот, работат со граѓанското општество за постигнување на договорените заложби и се обврзуваат на независни извештаи за нивниот напредок. Подготвувањето на Акцискиот план за ОВП е инклузивно, што значи дека свој придонес во процесот даваат различни засегнати страни, вклучително и јавната администрација, граѓанското општество, локалните власти, бизнис секторот и академската заедница.

Министерство за информатичко општество и администрација