Сподели:

Манчевски: Со отворени податоци до иновативни бизниси за подобар живот на сите граѓани

Скопје, 26 јули 2018 год.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска одржа прес конференција. На прес конференцијата министерот Манчевски ги презентираше Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци.

„Препознавме дека отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој. Тие може да се искористат и за подобрување на управувањето преку зголемување на транспарентноста, отвореноста, интегритетот и јавното учество во централната и локалната власт.

Ова ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Ќе го зголеми на учеството на граѓаните. Особено треба да се нагласи дека директно ќе влијае позитивно во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси. Наша главна заложба е да ги донесеме услугите до граѓаните. Тоа е многу полесно отколку да ги носиме граѓаните до услугите. Отворањето на податоците е еден од механизмите да го постигнеме тоа“, посочи министерот Манчевски.

Министерот Манчевски се осврна на конкретни примери кои илустрираат кои се можностите кои ги нудат отворените податоци.

„Преку објавување на податоците од сензори поставени на раскрсниците, се добива слика за тоа како прометот на коли влијае на загадувањето на воздухот. Од тоа би можело да произлезе апликација која ќе кажува каде е најголемата сообраќајна гужва и ќе нуди алтернативни патишта за избегнување на истата. Ова ќе придонесе за намалува загадувањето од издувни гасови од автомобилите.  Тоа што во Британија многу успешно функционира се апликациите за квалитетот на услугите што ги нудат определени институции, како болници и училишта. Одлуката во кое училиште да го запишат своето дете британците ја носат според, отворените податоци за училиштата кои даваат јасна слика за услугите што го нудат училиштата. Со изработка на апликација која преку комбинирање на податоци за климата, временските услови и најповолните условите за одредени земјоделски култури. Анализата на овие податоци ќе покаже во даден регион која временска култура има најдобри услови да успее и да даде најголеми придонеси. Тоа што како позитивен пример од кај нас ќе биде исто така дел од порталот е и софтверот за трошоците на функционерите“, рече министерот Манчевски.

Министерот Манчевски информираше дека во моментов МИОА работи на портал за отворени податоци, и презентираше дел од функционалностите на порталот.

„Во наредниот период следат серија на мерки за ажурирање на постојните податоци во институциите и објавување на порталот за отворени податоци. Граѓаните и сите засегнати страни предвидено е да бидат вклучени при дефинирање на тоа што за нив се најкорисни податоци кои треба да бидат достапни. На подолг рок, предвидуваме податочната писменост да биде дел од образовниот процес и поддршка на стартапи кои своите бизниси ги засноваат на отворени податоци.

Преку систем каде граѓаните одлучуваат за тоа кои податоци им се потребни, Владата и институциите преку порталот за отворени податоци ги објавуваат а бизнисите ги користат и создаваат нова вредност, ќе овозможиме подобрување на квалитетот на животот, економски раст и транспарентност и отчетност во работењето на институциите“, заклучи министерот Манчевски.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form