Сподели:

Манчевски: Ги повикувам вработените во јавната администрација да пријавуваат притисоци на работно место. Пријавите се анонимни, ќе бидат проследени на вистинското место и по нив ќе биде соодветно постапено.

Скопје, 20 септември 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одржа прес конференција на којашто информираше за алатката за пријавување на притисок на работно место за вработените во јавната администрација.

Го објавуваме интегрално обраќањето на министерот Манчевски.

Притисоци, уцена и злоупотреба во јавната администрација не смее да има!

Владата и Министерството за информатичко општество и администрација работат посветено на обезбедување на администрација која работи професионално и во служба на сите граѓани. Се обидуваме целосно да ја смениме сликата за заробена држава.

Со таа цел, МИОА на 13-ти септември објави алатка за пријавување на притисоци на работно место, во пресрет на референдумот.

Алатката има за цел да послужи како заштита за сите вработени во јавната администрација, кои во случај на притисок имаат лесно достапно место каде да се обратат. Тое е и предупредување за сите министри, раководители, директори... дека секој нивен обид за злоупотреба на службена положба ќе биде најжестоко санкциониран.

Алатката овозможува секој вработен во јавната администрација да пријави евентуални притисоци на работно место. МИОА се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување. Ова веќе е искомуницирано со надлежните институции.

Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитетни согласно Законот за заштита на личните податоци. За ова веќе се превземени соодветни технички и организациски мерки.

Од објавувањето на алатката до денеска, не се пристигнати пријави, и оттука ги повикувам сите граѓани да бидат уверени дека нивните пријави се анонимни, дека ќе бидат проследени на вистинското место и по нив ќе биде соодветно постапено.

Ова е само еден од механизмите кои МИОА ги превзема за целосна професионализација на јавната администрација. Времето на политички притиоци и заробена држава е зад нас.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form