Сподели:

Манчевски: За прв пат имаме јасна слика за покриеноста и пристапот до интернет на ниво на цела територија на Македонија

Скопје, 21 септември 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одржа прес конференција за презентација на деталното мапирање на територијата на Р. Македонија за пристап до брзи и супер брзи интернет мрежи.

„Македонија како земја којашто се подготвува да ги започне преговорите за членство во Европската Унија, пред утврдениот рок го заврши процесот на детално мапирање на територијата на Македонија. Задачата која ни беше дадена од ЕУ со цел да се оцени прогресот кој нашата држава го прави на полето на телекомуникациите е успешно завршена. Тоа значи дека за првпат се дефинираат областите каде не постоат брзи и ултра брзи комуникациски мрежи или операторите во следните три години немаат планови за инвестиции во вакви мрежи. Ова има за цел преглед на телекомуникациски ресурси, за да може ефикасно да се користат во иднина и да не се дуплираат инвестициите“, истакна министерот Манчевски.

Со мапирањето се дефинираат три вида области и тоа: „бела  област“ - каде што бродбенд мрежите во моментов не постојат и каде што веројатно нема да бидат изградени во рок од 3 години од операторите, „сива област“ - каде што има поставено или ќе се постави само една бродбенд мрежа во наредните 3 години и каде не постојат планови од кој било оператор да постави нова бродбенд мрежа во наредните 3 години и „црна област“ - каде  постојат најмалку две бродбенд мрежи на различни оператори во дадена област или исти ќе бидат поставени во следните 3 години.

„Тука не застанува процесот. До крајот на оваа година со помош на резултатите добиени од ова мапирање ќе подготвиме Националниот оперативен бродбенд план. Во овој план ќе бидат планирани државни инвестиции за развој на брзи и ултра брзи бродбенд мрежи во областите каде нема економски интерес од операторите. Согласно со барањата на Европската Унија, ќе формираме Национална канцеларија за бродбенд којашто ќе го следи развојот на бродбендот, ќе обезбедува насоки и совети во однос на инвестициите во бродбенд инфраструктура, нивното  спроведување, користење на државна помош, подготовка на студии за развој на бродбенд...“, информираше министерот Манчевски.

Придобивките по завршувањето на процесот на мапирање на територијата се големи како за граѓаните, така и за операторите и бизнис заедницата.

„Секој граѓанин ќе има можност да провери дали местото во кое живее е покриено со бродбенд мрежа на еден или повеќе оператори. Доколку не е покриено, односно е во бела зона, ќе знае дека местото ќе биде покриено со брзи или ултра брзи мрежи со државна помош во наредните неколку години.  Секој оператор ќе може да провери каква е состојбата со развојот на конкуренцијата во некое населено место. Ова ќе поттикне нови инвестиции и развој на конкуренцијата, што на крај ќе резултира со поприфатливи цени за корисниците. Градењето на брзи мрежи на цела територија на државата ќе обезбеди општините и во руралните места да можат да планираат и да воведуваат нови и современи е-услуги за граѓаните и за фирмите. Ова позитивно ќе влијае за постигнување на рамномерен регионален развој, а се надеваме дека ќе влијае и на намалувањето на иселувањето од овие области. Општините ќе ги планираат нивните стратегии за развој, базирани на користење на ИКТ“, заклучи министерот Манчевски.

Како што посочи министерот Манчевски, добиените податоци покажуваат дека покриеноста со брзи бродбенд мрежи (78%) е приближно иста со просекот во Европската Унија (80%).  Сепак, иако во моментов имаме добро покривање со брзи бродбенд мрежи, постои ниска искористеност на интернетот од страна на корисниците.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form