Сподели:

Министерот Манчевски се обрати на инфо сесијата на тема: Предлози и измени на Законот за инспекциски надзор

Скопје, 30 ноември 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација учествуваше на денешната инфо сесија посветена на предлози и измени на Законот за инспекциски надзор.


„По направените анализи на фактичката состојба и како постоечкиот закон се одразува врз секојдневната работа на инспекциските служби, заклучивме дека тој се карактеризира со голем број на одредби кои честопати се меѓусебно противречни.  Ова особено се однесува на проблемите кои субјектите, граѓаните и бизнисите ги имаат при инспекциските контроли, но и поставеноста на инспекциските служби во системот на државни  органи, нивната линија на одговорност и обврските што ги имаат кон Инспекцискиот совет“, рече министерот Манчевски.


Според министерот,  во досегашното постоење инспекцискиот совет  не придонел за остварување на целите заради кои беше формиран, а инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа кон советот.


„Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот наздор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на законот, конечно го предвидуваат тоа. Од ова голема корист ќе има бизнис заедницата“, рече министерот Манчевски.

Министерот потенцираше дека со новиот закон се воведува опомена за фирмите пред репресивни мерки, како исполнување на ветувањето до компаниите дека нема веднаш да бидат казнувани.

На инфо сесијата свое обраќање имаа и Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори, како и Љубомир Димовски, проектен директор на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

Новините од законот треба да помогнат и за намалување на сивата економија, како примарен проблем што редовно се евидентира во извештаите што се изработуваат во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form