Сподели:

Промовирана тригодишната програма „Училишта на 21-от век“

Скопје, 12 март 2019 година

Тригодишната програма „Училишта на 21-от век“ чија цел е да придонесе кон подобрување на основното образование во земјите од Западен Балкан и да им овозможи на децата од 10 до 15 години да ги развиваат вештините за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање, денеска беше промовирана во Скопје. Во рамки на програмата, финансирана од Владата на Обединетото Кралство во износ од 10 милиони фунти, сите основни училишта ќе добијат по 20 до 30 микробит уреди (компјутер за кодирање), на кои децата ќе програмираат за време на часовите.

Целта на програмата, како што посочи директорката на Британскиот совет Елеонора Запрова, е учениците да имаат можност практично да ги употребуваат вештините за кодирање со микробит уреди за кодирање. Спроведувањето на тригодишната програма покрај во земјава денеска почнува и во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора и со неа ќе бидат опфатени сите основни училишта во регионот.

– Програмата предвидува обуки за директори на сите основни училишта со која директорите ќе се запознаат со концептот критичко размислување, решавање проблеми и кодирање, со цел да ги поддржат и инспирираат наставниците да ги интегрираат овие вештини во постоечките наставни програми, како и обуки и поддршка на околу 2.000 наставници од основните училишта, објасни Запрова.

Таа информира дека победниците на денешниот натпревар ќе не претставуваат на регионалниот натпревар во Белград што ќе се одржи за време на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан на 5 и 6 април.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека идејата на оваа програма е училиштатата да бидат ориентирани и максимално фокусирани кон развојот на дигиталните вештини и компјутерската писменост на децата.

– Оваа идеја ќе се постигне преку промена на пристапот и начинот на предавање на наставниците за што ќе посетат соодветни обуки и преку примена на современ, информатичко-комуникациски уред во наставата наречен микробит, не само по предметот информатика, туку и во наставата во сите останати предмети, што го поттикнува развојот на критичката мисла, на инвентивност во решавање на проблемите и на креативност. Овие уреди не се последната новина во светот, но се голема новина кај нас, додаде Адеми.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека овој проект, покажува дека образованието не значи само учење и работа, туку значи и забава. Кодирањето, како што рече, не е само ИТ вештина, туку начин на размислување и логика. Додаде дека нивна обврска е преку образовниот процес да им обезбедат предуслови на младите за активно да учествуваат во дигиталното општество.

– Дигиталната агенда за земјите од Западен Балкан се фокусира на основните постулати потребни за развој на дигитализацијата, а зголемувањето на дигиталните вештини е еден од четирите столба на оваа агенда и затоа ние како држава сериозно вложуваме. Јакнењето на дигиталните вештини сметаме дека мора да биде и регионална заложба и овој проект е во таа насока, рече Манчевски.

Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј порача дека пазарот на трудот има потреба од нови вештини кои ќе бидат потребни во иднина, но сето тоа, како што посочи, може да биде дадено преку иновација, активно учење, креативност, оригиналност и иницијатива.

– Технологијата е една сила што може да даде поддршка и на учениците и на наставниците во образованието. Микробитот е само една од алатките, односно овој мини компјутер што ги води младите мозоци низ критичкото размислување дава поддршка на нивните одлуки, ги учи дека е во ред да прават грешки, бидејќи тоа е начин на кој учиме, рече Галовеј.

Пред почетокот на настанот, ученици од основни училишта во земјава ги промовираа своите проекти со користење на микробит. 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form