Сподели:

Манчевски: Преку дигитална трансформација до отворена влада и услуги поблиску до граѓаните

Отава, 01 јуни 2019 година

„Отворена влада и испорака на услуги: Дали пропуштаме можност да дејствуваме?” беше темата на годинешниот Самит за отворено владино партнерство, организиран од претставници на Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА) заедно со претставници од Северна и Латинска Америка.

Дискусиите кои се водеа за време на панелот на РеСПА беа тематски и ориентирани кон проблеми, а ги одразуваа најсовремените состојби во испораката на услуги и дигиталната трансформација на Западен Балкан. Исто така, се одржа критичка дебата за отворени податоци, со која се докажа дека секторските и регионалните примери подлабоко навлегоа во конкретните предизвици во нивните полиња и области на делување.

На отварањето на панелот, министерот за информатичко општество и администрација при Владата на Република Северна Македонија и претседавач со Управниот одбор на министерско ниво на РеСПА, Дамјан Манчевски, ги потсети присутните дека работењето со дигитализација и подобрувањето на испораката на услуги не е лесна задача. „Соодветната дигитализација и консолидација на владините податоци со цел да бидат значајни и отворени наложува голема промена во начинот на размислување, како и многу инвестирање и труд. Примерите претставени за време на панелот посочуваат на голема доза експериментирање во моментов, некои успешни приказни, но и некои неуспеси. Она што е важно е да се продолжи напред, да се споделуваат успешните приказни и да се учи од позитивните примери на останатите држави, кои веќе го поминале овој пат“, рече министерот Манчевски.

Генералниот заклучок беше дека е потребно и понатаму да се отвараат владините податоци, да се продолжи со промовирање на овој процес, како и да се создадат повеќе можности за соработка на граѓанските организации и граѓаните со јавните институции, за да се обезбеди доброинформирана јавност која ќе доведе до испорака на услуги поориентирани кон граѓаните. Учесниците во дискусијата исто така се осврнаа на постојните пречки, потенцирајќи дека сите тие промени не се лесни, особено во период на продлабочени кризи и ниско ниво на отворени влади ширум светот.

„Работните групи за отворени податоци вклучуваат сè повеќе граѓански организации. На порталите за отворени податоци се објавуваат сè повеќе отворени податочни сетови, со што се вклучуваат граѓаните и граѓанските организации во процесот на обезбедување повеќе мобилни и веб-апликации со цел да се постигне визуелизација, како и мапи кои ќе им помогнат на граѓаните подобро да ги користат отворените податоци. Понатаму, политиките за спроведување отворено владино партнерство во Западниот Балкан одат чекор над транспарентност, кон учество и соработка. Учеството и соработката се клучни за формирање мултидисциплинарни тимови луѓе во и вон владите, кои ќе размислуваат надвор од рамките и ќе придонесат кон испорака на услуги ориентирани кон граѓаните“, потенцираа претставниците на РеСПА.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

На затворањето на панелот се испрати порака дека треба да градиме и промовираме култура во која отвореноста се подразбира, и да соработуваме во изнаоѓање заеднички решенија за владините податоци, за да се постигне иновативна испорака на јавните услуги.

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form