Сподели:

Манчевски учествува на меѓународната конференција за сајбер безбедност во Охрид

Охрид, 5 јуни 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на меѓународната годишна конференција за сајбер безбедност што се одржува во Охрид. Дводневната конференција е во организација на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT и Агенцијата за електронски комуникации, со цел да се подобри соработката и размената на информации од областа на сајбер безбедност меѓу CIRT тимови од Југоисточна Европа, оператори на критична информациска инфраструктура, организации од јавниот и владиниот сектор, и меѓународни ИКТ компании.

Во своето обраќање, министерот Манчевски посочи дека, да се биде земја домаќин на конференција за сајбер безбедност, е одличен пример за посветеноста на Северна Македонија за олеснување на регионалната и меѓународната соработка во однос на тоа прашање.  Според него, регионалната и меѓународната соработка е од суштинска важност и во таа насока, неопходна е меѓусебната размена на добри практики и искуства.

„На прагот на НАТО и наскоро ЕУ, Република Северна Македонија станува се попривлечна цел за сајбер криминал. Секако, сајбер безбедноста стана еден од клучните приоритети за Владата на Република Северна Македонија. Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизирање на изградбата на сајбер-безбедносните капацитети со поддршка од нашите стратешки партнери резултираа со значајни резултати во изминатата година. Оттогаш па натаму, безбедносниот пејзаж значително се промени“, истакна Манчевски, посочувајќи дека на чело на националната сајбер безбедност се Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти - МКД – ЦИРТ, а формирана е и Национална експертска група.

Министерот Манчевски потенцираше дека на почетокот на 2018 година воспоставена е јасна и стратешка визија за градење на сајбер безбедносни капацитети во Северна Македонија, а во соработка со Светската банка и Универзитетот во Оксфорд, изработени се Националната стратегија за сајбер безбедноста и Акцискиот план 2018-2022 година, со поддршка на меѓународни партнери и Европската комисија, преку процес на јавни консултации.

„На национално ниво, ја препознавме потребата да инвестираме во опремувањето на нашите луѓе, работната сила во јавната администрација, но и на нашата индустрија со потребните вештини и капацитети, особено од тимот за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ) како национално координативно тело за известување и управување со инциденти за сајбер безбедноста за властите и институциите од јавниот сектор. Со одличната соработка и поддршката од ЕК во областа на дигиталната политика, Северна Македонија формираше Научно-технолошки парк во Скопје и наскоро Регионален центар за обука и истражување на сајбер безбедноста“, истакна Манчевски.

Според министерот Манчевски, предлогот за основање на Регионален Центар за обука и истражување на сајбер безбедноста во Скопје е изготвен и во тек е проценка на организациските и финансиските ресурси. Предложениот концепт за Регионалниот центар за обука и истражување на сајбер безбедноста ќе се вклопи во рамките на замислениот Технолошки парк и ќе покрива: Професионална обука - Центар за обука за службеници во јавната администрација и сопственици на критични инфраструктури на WB6, потоа Академски истражувања - академска соработка и заедничка соработка на WB6 истражувачи, како и Технолошки парк - да се стимулираат иновациите, претприемништвото и економскиот раст и да послужат како главен локален центар за стартап заедница на ИКТ и ИО во регионот.

„Со оваа иницијатива, имаме за цел да ја поттикнеме соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор и пристапот до сајбер безбедност на ниво на ЕУ, фокусирајќи се на истражувања и иновации во областа на сајбер безбедноста. На овој начин, не само што ќе ги зајакнеме нашите национални сајбер-безбедносни капацитети туку и регионалните, охрабрувајќи ги младите претприемачи и технолошки ентузијасти да развијат и тестираат технологии за подобро да ги заштитат корисниците и инфраструктурите од сајбер закани“, рече Манчевски.

Инаку, на конференцијата во Охрид учествуваат 70 странски и домашни експерти за сајбер безбедност, а меѓу темите на дискусија се: Улогата на CSIRT, постоечки модели на правни рамки, меѓународни искуства, важноста од размена на информации помеѓу секторите во регионот и на меѓународно ниво, студија на случај на сајбер напад итн.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form