Сподели:

Меѓународна конференција за предзвиците во јавната администрација со која се соочуваат земјите од Западен Балкан

Љубљана, 02 октомври 2019 година

Овие неколку дена, во Љубљана се одржува меѓународна конференција за предзвиците во јавната администрација со која се соочуваат земјите од Западен Балкан. Конференцијата ја организира РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација), а оваа година домаќин на конференцијата е Министерството за јавна администрација на Република Словенија.

Во неговото воведно обраќање, Министерсот Руди Медвед рече дека „сите присутни имаат заедничка историја. Минавме низ различни социо-политички системи. Имавме заедничка државна администрација. Осумдесет години заедничка историја несомнено со себе носат заеднички предизвици во јавната администрација. А ако Европската Унија се темели на поврзаноста на земјите, со различни администрации, државите во регионот имаат заедничка историја и традиција во областа на бирократијата“ рече Медвед и го изрази неговото задоволство од тоа што добрата соработка со земјите од Западен Балкан и понатаму е приоритет за надворешната политика на Словенија.

Важноста на РеСПА во светло на реформите на јавната администрација на земјите од Западен Балкан ја истакна и претседавачот на РеСПА, Дамјан Манчевски, кој е и министер за информатичко општество и администрација во Северна Македонија. И Северна Македонија посветува особено внимание на предизвиците во јавната администрација и на дигитализацијата, преку нови проекти.

„Реформите во јавната администрација се исто толку разновидни колку и бројот на земји кои почнаа да ги спроведуваат. Иако имаме различни општи и посебни цели, уверен сум дека моите колеги кои се присутни во оваа соба ги ставаат граѓаните во центарот на заложбите за реформи на јавната администрација. Во оваа насока, многу ми е драго што ја имаме можноста да учиме едни од други, но, најважно, да научиме за реформите на јавната администрација од успешна држава-членка на ЕУ како што е Словенија.

Сметам дека ова е неверојатна можност да се слушнат најдобрите практики во Словенија, за предизвиците со кои се соочила во текот на процесот и за начините на кои тие предизвици би се надминале“ рече министерот Манчевски.

Ритва Хеикинен, претставничка на Европската Комисија изјави дека на Комисијата ѝ е многу драго што е дел од политички дијалог на високо ниво за реформи на јавната администрација, чиј домаќин е Министерството за јавна администрација на Република Словенија, а организатор е РеСПА. Според Хеикинен, ова е единствена можност да се процени ситуацијата со спроведувањето на реформите во јавната администрација во Западниот Балкан во изминатите пет години и да се дискутира за приоритетите во иднина. Хеикинен исто така нагласи дека реформата во јавната администрација е долгорочна заложба.

Директорката на РеСПА, Ратка Секуловиќ ја нагласи одличната соработка на РеСПА со многу институции и организации во регионот и надвор од него. Во мај 2017 година, РеСПА потпиша Меморандум за разбирање со Министерството за јавна администрација на Република Словенија. Како што кажа Секуловиќ, документот е доказ дека во регионот се одвива дијалог на високо ниво.

На настанот, министерот за државна управа и локална самоуправа на Република Србија Бранко Ружиќ истакна дека РеСПА обезбедува мрежа луѓе кои работат за иста цел: креирање јавна администрација која е професионален, современ и ефикасен давател на јавни услуги за граѓаните. Преку оваа мрежа тие можат да споделат добри практики и искуства за полесно да се справат со предизвиците. Министерот Ружиќ им се заблагодари на колегите од Словенија за можноста да учат од нив, притоа додавајќи дека оваа поддршка е многу важна за нив поради процесот на интеграција на Словенија во ЕУ. Србија има направено многу во областа на дигитализацијата за да им олесни на нејзините граѓани.

Во неговото обраќање, министерот за правда на Босна и Херцеговина Јосип Грубеша се сосредоточи на фактот дека состанокот беше организиран во соработка со Министерството за јавна администрација на Република Словенија и со држави-членки на Европската Унија. Колегите од Словенија сесрдно го споделуваат искуството на Словенија во процесот на модернизирање на јавната администрација, што е јасен сигнал дека државите-членки на ЕУ, со сето нивно искуство и знаење во процесот на реформи, имаат голема волја да им помогнат на земјите од Западен Балкан.

Министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ се осврна на значителниот напредок во реформите на јавната администрација. Кон ова придонесоа подоброто ниво на демократија и усогласувањето на правниот систем со Европското право. Министерката Прибиловиќ ја препозна поддршката на РеСПА за поефикасна јавна администрација во Црна Гора. Министерката Прибиловиќ изјави дека реформата на јавната администрација е една од клучните области за процесот на Европска интеграција и дека е важен сегмент за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Албана Кочиу, директорка на Одделот за јавна администрација во Албанија, изјави дека реформите на јавната администрација секогаш се важен дел од разговорите, особено кога станува збор за она што Албанија треба да го постигне за да стане дел од ЕУ. Според Кочиу, Албанија во моментов трпеливо чека на семафор во надеж за зелено светло. Претстојната работа несомнено ќе биде тешка и ќе наложува максимални напори, но тие се сосема подготвени за тоа.

По воведните обраќања,  експерти од Словенија ќе го споделат нивното искуство во областа на реформите на јавната администрација, системот за надоместоци и обуки на државните службеници, како и во областа на е-Влада и јавните набавки.

Во попладневните часови, гости од високите редови исто така ќе дадат свој придонес кон темите, меѓу кои и претседавачот на РеСПА - министерот за информатичко општество и администрација на Северна Македонија Дамјан Манчевски, директорката на РеСПА Ратка Секуловиќ, министерот за правда на Босна и Херцеговина Јосип Грубеша, министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ и министерот за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ, претставници на Европската Комисија и други гости од високите редови.

РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација) е меѓународна организација со седиште во Црна Гора. Беше основана во 2011 година, а нејзини членови се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Оваа меѓународна организација беше основана со цел да се подобри регионалната соработка, да се промовира заедничко учење и за да се поддржи развојот на јавната администрација во државите од регионот, а со тоа тие да се интегрираат во ЕУ.

Во моментов, претседавач на РеСПА е Северна Македонија.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form