Сподели:

Манчевски во Куманово, на третата јавна трибина посветена на дигитализацијата

Куманово, 06 февруари 2020

Во Куманово денеска се одржа третата јавна трибина на тема „Дигитализација на јавните услуги“, на која се зборуваше за дигитализацијата на земјата, како и за нејзината улога во професионализацијата на јавната администрација.

На трибината се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Осврнувајќи се на проектите на МИОА во однос на дигитализацијата и процесот што водеше до електронските услуги, министерот Манчевски го презентираше Националниот портал за електронски услуги.

Ажурираната верзија на Националниот портал за електронски услуги започна со работа во декември, 2019-та и е достапен на https://uslugi.gov.mk. Граѓаните конечно на едно место ќе можат да ги добијат информациите за сите услуги кои ги нудат институциите, сите потребни документи за остварување на своите права, како и временската рамка за добивање на услугите. Како што истакна министерот Манчевски, на порталот достапни се 128 електронски услуги, од кои 58 се нови, а 8.400 корисници се веќе регистрирани и ги користат овие услуги.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски ги поздрави проектите на Владата во сферата на дигитализацијата и се осврна на предизивиците со кои се соочуваат институциите на локалната власт при испорака на услуги до граѓаните.

Дополнително, на трибината говореше и Марија Крстевска, проектен координатор во Центар за интеркултурен дијалог, која ја поздрави идејата за дигитализација на јавните услуги со што ќе се избегне чекањето во редици.

“Како млад човек ја поздравувам оваа идеја за дигитализација на јавните услуги. Живееме во дигитална ера, во ера на интернет технологија. Многумина би кажале дека денес е најдоброто време да се биде жив. Секако, како и сѐ останато и ова има свои предности и аномалии, но денес сме овде да говориме за предностите.  Живееме во свет каде што само еден клик нѐ дели од нашите пријатели и роднини коишто живеат преку океанот, од порачување на омилената книга или можеби пица за ручек. Па, зошто не би можело и еден клик да нѐ дели од добивање на некој документ. Кој сака да губи часови и часови драгоцено време чекајќи во редици...”, рече Крстевска.

Исто така, таа презентираше позитивни примери од работата на Центар за интеркултурен дијалог за зголемување на младинското учество преку користење на дигитални алатки.

Министерството за информатичко општество и администрација и понатаму ќе продолжи со организација на настани во областа на дигитализацијата. Дигитализацијата е стратешки приоритет на МИОА и на Владата на Северна Македонија, поради што во изминатите две години беа реализирани повеќе мерки и активности, насочени кон дигитализација на услугите и зголемување на транспарентноста на институциите.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form