Компјутер за секој ученик

Најголемата инвестиција во образованието во изминатите 17 години  е направена со проектот Компјутер за секој ученик. Со овој проект се обезбедени 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тастатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Македонија, што ги задоволува потребите во големина од две третини. Овие компјутери ќе се користат како алатки за изведување на наставата и за пристап до образовните дигитални содржини што се наоѓаат на глобалната мрежа Интернет.

 

Средните училишта се веќе комплетно завршени, со комплетно нова комуникациска инфраструктура и компјутери на секоја клупа, пред секој ученик. Во тек е опремувањето и инсталацијата н акомпјутери во дел од основните училишта. Се спроведува обука на просветните работници, со цел и тие да се вклучат во изведбата на наставата и градењето на електронското општество. Локализирани се софтверски алатки на македонски и албански јазик и извршено е нивно прилагодување на оперативниот систем EduBuntu, кои ќе се користат за целите на наставните програми. Локализацијата е спроведена од страна на USAID како донација за училиштата.

 

Овој проект постојано ќе се надградува до 2012 година, со цел учениците да бидат во тек со новите технологии.

Во тек се меѓународни тендери со кои ќе бидат набавени дополнителен број компјутери за покривање на последната третина од потребите за компјутер за секој ученик.

Во текот на 2009 година, ќе се набавуваат дополнителни едукативни софтверски алатки кои ќе бидат специјално развиени според наставните програми во Република Македонија.

 

Исто така, со цел поефикасно образование и пореални мерливи резултати, се воведува и централизиран систем за тестирање. За прв пат, електронско тестирање ќе се изврши учебната година 2008/2009. 

 

Очекувани придобивки:

    • Зголемена ефикасност на целокупниот образовен процес
    • Зголемен степен на користење на компјутери и интернет
    • Подобрени ИТ вештини на професори и ученици