Арсовска Томовска на третиот регионален годишен состанок за интернет владеење

Охрид, 25 мај 2017 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на отворањето на третиот регионален годишен состанок за интернет владеење SEEDIG (South Eastern European Dialogue on Internet Governance), во Охрид. Настанот се одржува заедно со Меѓународната регулаторна конференција (24-26 мај), во организација на Агенцијата за електронски комуникации, при што учествуваат истакнати национални и меѓународни претставници, вклучувајќи претставници од регулаторните тела од Европа, оператори од регионот, претставници на здруженија на оператори, вендори, граѓански организации, студенти и останати чинители на пазарот за електронски комуникации.

 

Арсовска Томовска се осврна на важноста на интернет владеењето во Република Македонија, нагласувајќи дека во текот на изминатите години, обезбедени се услови за пристап до интернет на сите граѓани, при што приклучени се над 75 % домаќинства, а широкопојасниот интернет е вклучен како универзална услуга.

 

Говорејќи за предизвиците во однос на интернет владеењето, Министерката ги посочи областите кон кои треба да се обрне особено внимание, како што се: инфраструктура, компјутерски криминал, компјутерски напади, сигурност на изворите на информации (лажни вести, спам и порнографија), како и човекови права (слобода на изразување, приватност итн.).

 

За справување со овие предизвици, веќе е започнато со воведување на принципи, норми, правила и програми, кои обезбедуваат одговорно интернет однесување. Но она што е важно е дека во светот не постојат унифицирани правила и закони во однос на регулација на овие области, и затоа е важен пристап од-долу-нагоре, отворен и инклузивен дијалог со сите заинтересирани страни, како и споделување на најдобрите практики. Токму затоа ваквите настани се од исклучителна важност за да може да се извлечат заеднички заклучоци како земјите да се справат со ваквите предизвици.

 

На отворањето се обратија и Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Сашо Димитријоски, како и Сорина Телеану, член на извршниот комитет на SEEDIG. Меѓу темите на дискусија на овој трет регионален годишен состанок за интернет владеење се најдоа: регионален Интернет на нешта: предизвици и бенефити и други активности за градење на капацитетите, Нови генерички домени од највисоко ниво, како и улогата на медиумската писменост, лажните вести и сл.

 

Локални институционални партнери на настанот се Министерството за информатичко општество и администрација и Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ). Инаку, на маргините на состанокот беше потпишан Меморандум за соработка во областа на електронските комуникации, меѓу Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија и Регулаторната агенција за комуникации на Босна и Херцеговина.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација