Потпишување на меморандум МИОА-ИДЕАС ДеПо

Скопје, 13 јули 2017 година

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски потпиша меморандум за разбирање со извршниот директор на „ИДЕАС ДеПо“ , Александар Шахов. Меморандумот се однесува на реализација на активности во областа на инспекциското работење. Заедничката соработка е дел од проектот „Модернизација на инспекциските служби“, финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

 

Идејата за оваа соработка произлегува од потребата од повисок степен на транспарентност и ефикасност на инспекциските органи и на инспекцискиот систем во целост.

 

Реформата на инспекциските служби како дел од сеопфатната реформа на јавната администрација треба да придонесе кон воспоставување на поефикасен и потранспарентен инспекциски систем преку вклучување на засегнатите чинители со нивните препораки и мислења за соодветни законски решенија и за организациските прашања.

 

Министерството за информатичко општество и администрација и „ИДЕАС ДеПо“ ќе соработуваат за да го унапредат инспекцискиот систем преку подобрување на законската рамка за инспекциски систем, со спроведување обуки и градење на институционални капацитети за подобрување на знаењето на инспекторите од посебни области, како и со изготвување е-решение за подобрување на ефикасноста на инспекциските служби.

 

На потпишувањето на меморандумот му претходеше првата во серијата на обука за инспектори од Државнот управен инспекторат организирана од Академија за обуки при МИОА и Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација