Министерот Манчевски се обрати на свечениот час на ФИНКИ

Скопје, 18 септември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска ги поздрави новите студенти на свечениот час за академската 2017/2018 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

 

Министерот Манчевски, се потсети на својот прв час и споделувајќи го своето искуство, им порача на новите бруцоши успешни студентски денови.

 

„Соочени со фактот дека новото време во кое живееме е предводено од иновациите во ИТ сферата, министерството за информатичко општество и администрација работи постојано на нови проекти во областа на информатичкото општество. Наша цел е целосно дигитализирана Македонија. За реализација на таа замисла нас ни треба помош и поддршка од млади, амбициозни, ентузијасти како вас“, истакна министерот Манчевски, повикувајќи ги по завршувањето на факултетот да останат да работат во Македонија.

 

„Свесни сме дека со струката што вие ја одбравте по завршувањето на факултетот ќе ви бидат отворени вратите за работа и развој насекаде во светот и ќе бидете ставени во искушение да заминете од Македонија. Затоа во министерството работиме на повеќе проекти за развој на ИТ сферата, за отворање на технолошки парк... со цел да ве задржиме вас како млади, успешни професионалци од областа на информатичките науки, во Македонија“, посочи министерот Манчевски.

 

Тој ги повика студентите да се борат за своите права, да бидат општествено одговорни и гласни критичари на власта, затоа што само со активна студентска сила ќе се избориме за развиено демократско општество.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација