Министерот Манчевски дел од промоцијата на студијата „Кон граѓанскиот паноптикон“

Скопје, 28 септември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, беше дел од презентацијата на студијата „Кон граѓанскиот паноптикон, Подобра рамнотежа меѓу заштитата на приватноста и потребата од следење на комуникациите“.

 

Министерот Манчевски се осврна на проблемот со масовното прислушувањето спроведено од претходната власт и на заложбите на новата Влада, никогаш повеќе да не се повтори нарушување на приватноста на граѓаните на Република Македонија.

 

„Владата е свесна за огромната важност на соодветното нормирање на прашањата поврзани со следењето на комуникациите. Впрочем нема кој повеќе да биде, со оглед на тоа што ние бевме и главна цел на прислушувањето. И затоа, ми преставува особено задоволство што и граѓанските организации вложуваат значителни напори за надминување на предизвиците и отворените прашања поврзани со следењето на комуникациите“, истакна министерот Манчевски.

 

„Новата Влада има особен интерес за соодветно решавање на ова прашање. Тоа го демонстрираме со фактот дека во 4 различни приоритети од Планот 3-6-9 – собрание, судски реформи, реформа на разузнавачките и безбедносните служби и борба против организираниот криминал и корупција се вклучени мерки кои го адресираат следењето на комуникациите“, информираше министерот, кој ги пренесе заложбите за воведување на силни заштитни механизми кои ќе спречат нелегално прислушување.

 

Овие мерки ќе бидат имплементирани како итен приоритет. Техничките способности за пресретнување на комуникациите ќе бидат под силна независна контрола, вклучително и судска контрола.

 

Министерот Дамјан Манчевски, ја поздрави идејата за објавување на оваа студија, потенцирајќи дека доаѓаат во вистинскиот момент, кога треба да се до-прецизираат мерките од Планот за следните 6 и 9 месеци.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација