Презентирани Е-модули за родова еднаквост

Скопје, 29 септември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска ги презентираа Е-модулите за родова еднаквост. Модулите се подготвени со поддршка на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените- UN Women.

 

„Вклучувањето на родовата еднаквост во политиките и програмите на Владата, не е само законска обврска туку наша цврста определба за што се залагаме веќе подолго време. На овој начин сакаме системски вработените во јавната администрација да имаат можност за првпат да добијат соодветно образование и обуки во однос на политиките за родова еднаквост“, информираше министерот Манчевски.

 

Е-модулите се состојат од основен и напреден курс од областа на родовата еднаквост на теми директно поврзани со работата и обврските на службениците во јавната администрација, коишто произлегуваат од законските начела.

 

 

„Денеска е првиот чекор за подготовка на јавната администрација да знае да креира родово одговорни политики. Тие политики потоа треба да ги имплементираме, но за тоа ни треба буџет и затоа вториот чекор е родово одговорно буџетирање во Македонија. На овој начин, ги припремаме институциите за имплементација на Истанбулската конвенција“, објасни министерката Царовска.

 

Курсевите беа тестирани од фокус групи на вработени во администрацијата на различни работни позиции и нивоа, мажи и жени, а нивните забелешки вградени во конечната верзија на курсевите.

 

Ова е прв Е-модул за родова еднаквост којшто државата го воведува и целта е истиот да стане задолжителен за сите административни службеници.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација