Заменик-министерот на МИОА дел од состанокот на РеСПА во Тирана

Скопје, 06 ноември 2017 година

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и државниот секретар Јахи Јахија, присуствуваат на осмиот состанок на министрите одговорни за прашања на јавната администрација на земјите од Западен Балкан. Состанокот се одржува денеска во Тирана, Р.Албанија, а присуствуваат и членовите на Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).

 

"Присуството на министрите од регионот на Западен Балкан, покажува подготвеност за продлабочување на меѓусебна соработка со цел зајакнување на капацитети за спроведување на реформи во јавната администрација, се со цел за побрзо интегрирање во Европската унија", истакна Сенида Меси, заменик-премиер на Република Албанија.

 

Претставникот на Европската комисија Бернард Брунет зборуваше за значењето на РеСПА, како институција којшто ја претставува регионалната соработка, со јасна визија и поддршка од сите нејзини членови.

 

Во интервју за потребите на РеСПА, заменик-министерот Бајдевски, се осврна на заложбите на МИОА и на Владата за реформи во јавната администрација.

 

„МИОА реализира неколку проекти за модернизација на администрацијата и нејзино приближување до граѓаните. За нас сега приоритет е донесувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација која во една стратешка рамка ќе ги опфати реформите во јавната администрација во наредните пет години. Администрацијата мора да биде поефикасна. Администрацијата не смее да е товар, туку сервис на граѓаните. Наш приоритет се задоволни граѓани кои лесно, брзо и достапно можат да ги остваруваат своите права. Нашата стратешка цел е јасна: стручна, професионална и департизирана администрација. Работиме на тоа и граѓаните и бизнис секторот да ги остваруваат своите права побрзо, полесно, поквалитетно и поевтино“, рече Бајдевски.

 

Тој претстави и дел од проектите на кои во моментов работи министерството.

 

„Започнавме и динамична функционална анализа во инспекциските служби. Ќе воспоставиме Централен електронски регистар на население и законски основи и технички подготовки за лансирање на нова платформа за електронски услуги – Национален портал за административни услуги по електронски пат, преку кој граѓаните ќе имаат увид во која фаза на постапување се нивните барања за остварување на нивните права, како и информација за документите и цената на услугите кои ги дава администрацијата“, информираше заменик-министерот Бајдевски.

 

Министрите одговорни за јавната администрација кои се членови на Управниот комитет на РеСПА го усвоија Годишниот извештај. Управниот одбор беше информиран за најважните активности кои РеСПА ги планира за 2018 година и го усвои буџетот.

 

На крајот од денешната средба, Босна и Херцеговина го презеде претседавањето на РеСПА за следната година.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација