Средба Манчевски-Стафансон

Скопје, 15 ноември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска оствари работна средба со амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон.

 

На средбата разговараа за реформите во медиумската сфера, измените на Законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и за јавниот радиодифузен сервис.

 

Министерот Манчевски, се осврна на промените во начинот на финансирање на МРТВ и на воведувањето на четврт канал, за малцинските заедници.

 

„МРТВ нема повеќе да биде доведена во состојба да бара дополнителна финансиска поддршка од Владата, како што беше тоа случај кога средствата собрани од радиодифузната такса не беа доволни. Ова ќе придонесе кон стабилно финансирање на МРТВ, МРД и АВМУ, односно тие повеќе нема да зависат од процентот на наплата на радиодифузната такса. На овој начин МРТВ повеќе нема да треба да одговара пред Владата, туку со својата програма одговара само пред Собранието“, истакна Манчевски.

 

Амбасадорот Стафансон ги поздрави заложбите на МИОА за реформите кои ќе придонесат кон независен и силен јавен радиодифузен сервис.

 

Лажните вести беа уште една од темите за коишто се разговараше на денешната средба. Министерот Манчевски информираше дека предизвикот за справување со оваа појава на глобално ниво ќе биде и една од темите на Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи на пролет следната година во Скопје.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација