Бајдевски: Владата е посветена на департизација на институциите

Скопје, 07 декември 2017 година

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски беше дел од настанот на тема: „Заробена држава-политички, социјални и економски интереси“. Настанот беше организиран по повод Меѓународниот ден на борбата против корупција.

 

Заменик-министерот Бајдевски, ја отвори панел дискусијата посветена на: „Заробени институции: Има ли шанса одвојувањето на партијата од државата? Предизвиците на извршната власт во справувањето со деполитизацијата и корупцијата“.

 

„Политичката и институционална криза со која се соочи Македонија во изминатите години, покажа дека целосно се нарушени принципите на владеење на правото и функционирањето на правната држава. Силната партизација на државните и јавните институции сериозно го нарушија интегритетот и кредибилитетот на институциите. Државата и институциите не можеа брзо да се справат со политичката криза и тоа доведе до состојба во која Македонија беше дефинирана како ’заробена држава’ со заробени институции“, истакна заменик-министерот Бајдевски. Тој посочи дека реформата во јавната администрација е постојан процес, и таа мора да се прилагодува на промените на околината. Заменик-министерот се осврна и на заложбите на Владата и МИОА, во спроведување на реформите.

 

„Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата создава администрација ослободена од партиските спреги и посветена на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршењето на должноста“, информираше Бајдевски.

 

Во своето излагање тој се осврна на мерките предвидени во Стратегијата за реформа на јавната администрација што се целосно ориентирани кон изнаоѓање на рационални и остварливи решенија за предизвиците и насоките содржани во извештаите на релевантните домашни и странски институции.

 

„Како што е предвидено во СРЈА, целта е деполитизација на администрацијата, преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и соодветна и правична застапеност и професионализација на високите раководни позиции. Заради остварување на истата, ќе бидат преземени мерки насочени кон намалување на ризиците од партизација на администрацијата, преку унапредување на постапките за селекција, вработување и унапредување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Мерките ќе вклучуваат и професионализација на високите раководни позиции преку јасно разграничување помеѓу политичкото и професионалното ниво. Заради постигнување на поголема ефикасност и ефективност во работењето, системот за оценување на административните службеници ќе се редефинира со што ќе се постават основите за наградување според учинок за да може во подоцнежните фази од реформата да биде поврзан со системот на плати“, посочи заменик-министерот Бајдевски.

 

Како потврда за реформите на кои работи Владата, Бајдевски ги посочи позитивните коментар на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој од Брисел го поздрави напредокот во Македонија.

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација