Јавна дискусија за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Скопје, 19 декември 2017 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски денес учествуваше на јавна дискусија за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер организирана од Министерството за правда заедно со Министерството за информатичко општество и администрација и Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија.

 

Во своето обраќање заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, посебно се осврна на залагањето на Владата на РМ за активна транспарентност, која подразбира сеопфатна јавност и лесен пристап до информации и документи од јавен карактер. Заменик министерот за MИОА нагласи дека доколку јавната администрација активно ја применува оваа транспарентност, во голема мерка ќе се обезбеди пристапот до информациите и ќе се намали потребата на јавноста овие информации да ги добива низ една сложена и многу често нефункционална постапка.

 

“Со цел надминување на недостатоците, Министерството за информатичко општество и администрација, во Стратегијата за реформа во јавната администрација предвидува зајакнување на механизмите за достапност на информациите од јавен карактер и на контролните механизми. За постигнување на ова предвидени се серија на мерки кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните и бизнис заедницата до информациите од јавен карактер. На пример, се предвидува, воведување институционална реорганизација заради зајакнување на механизмите за контрола” изјави заменик министерот Бајдевски.

 

Според сознанијата на МИОА, утврдени се одделни индиции од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кои укажуваат на потребата од поголеми ингеренции на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и проширување на делот на санкции и прекршоци во случаи кога не се почитуваат одредбите од законот.

 

Министерот за правда Саљији во своето воведно излагање нагласи дека оваа дебата за утврдување на потребата од измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, е во согласност за принципите за кои се залага Владата на Република Македонија, постојано да ја усовршува легислативата од интерес на граѓаните. Министерот за правда додаде дека и оваа трибина е одраз на пристапот за широка консултација со граѓаните и со нивните граѓански организации, како и со сите други засегнати страни со цел да се препознаат и прифатат најавтентичните искуства и препораки кои доаѓаат од оние на кои најмногу се однесуваат законските решенија, во овој случај Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Робер Поповски, истакна дека без разлика на фактот дека од страна на стручната домашна и меѓународна јавност, овој закон е оценет како еден од подобрите во сферата на легислативата, утврдените слабости во неговата примена укажуваат дека се неопходни аргументирани анализи кои ќе насочат кои делови од ова законски треба да се изменат. Истовремено, укажа Поповски, многу е важно да се утврдат и слабостите на одделни делови на јавната администрација кои покажаа отпор во спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација