Средба на министерот Манчевски со експертот за отворени податоци Ендру Стот

Скопје, 29 јануари 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одржа работен состанок со Ендру Стот од Велика Британија, кој е ангажиран како надворешен експерт за подготовка на Стратегијата за отворени податоци.

На состанокот разговараа за придобивките од отворените податоци, како механизам за подобрување на работата на институциите.

 

„Во контекст на отворените податоци и порталот за отворени податоци, неопходно е да се подигне свеста од потребата внатре во самите институции. Потребен е јасен механизам за институциите да можат јасно да ги приоритизираат податоците кои ќе се објавуваат на порталот, којшто треба да биде лесно достапен за сите граѓани “, истакна министерот Манчевски.

 

Експертот Стот, го сподели британското искуство во делот на отворени податоци, интересот на граѓаните и новинарите, како и за ефектот од објавувањето на податоците.

 

Покрај состанокот со министерот Манчевски, Стот за време на посетата на Скопје, ќе биде дел и од работилницата на работната група за подготовка на Стратегијата за отворени податоци. На работилницата ќе биде презентирана нацрт верзијата на Стратегијата, по што сите вклучени во процесот ќе имаат можност да дадат свој инпут.

 

Стратегијата треба да ја дефинира основната стратешка насока за развој на околината за отворени податоци, вклучувајќи го процесот на идентификување на податоците во рамките на институциите. Основа за ова се критериумите за селектирање на податоци и информации кои може да се објават во отворен формат, процесот на дигитализација на хартиените податоци, подобрување на централниот владин портал за отворени податоци, унапредување на процесот на објавување на податоци на централниот портал од страна на државните институции, стимулирање повисок степен на користење на отворените владини податоци.

 

Заедно со членовите на работната група ќе се работи и на техничката спецификација за порталот за отворени податоци.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација