Проценка на капацитетите за информатичка безбедност во Македонија

Скопје, 29 јануари 2018 година

Во рамките на посебната соработка помеѓу Светска Банка и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе биде спроведена проценка на моделот на зрелост на капацитетите за информатичка безбедност во Република Македонија. Проценката на моделот ќе се одржи во периодот од 30ти јануари до 1ви февруари 2018, во Клубот на пратеници.

 

Проценката ќе биде спроведена од Светска Банка и Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичка безбедност (Global Cyber Security Capacity Centre) на Универзитетот Оксфорд, преку употреба на моделот за зрелост на капацитетите за информатичка безбедност (Cyber Security Capacity Maturity Mоdel for Nations).

 

Моделот за зрелост на капацитетите за информатичка безбедност е сеопфатна алатка што им овозможува на државите да стекнат општо разбирање на нивните капацитети во областа на информатичката безбедност, и со тоа да ги зајакнат стратегиските вложувања во градење на потребните капацитети.

 

Евалуацијата на информатичките капацитети ќе биде спроведена преку консултативни средби на кои учество ќе земат голем дел од институциите во Република Македонија, претставници од бизнис секторот, граѓански здруженија и меѓународната заедница. Покрај истражувачите од Универзитетот Оксфорд и Светска Банка, проценката ќе биде поддржана од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.

 

По завршување на проценката, Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичка безбедност ќе подготви извештај во кој ќе бидат изнесени резултати што укажуваат на степените на зрелост на капацитетите за информатичка безбедност на Република Македонија, како и препораки изведени од моделот за зрелост на капацитетите за информатичка безбедност за начините на кои може да се подобрат тие капацитети.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација