Прв состанок на Секретаријатот за реформа на јавната администрација

Скопје, 19 февруари 2018 година

Секретаријат за реформа на јавната администрација, денеска го одржа првиот работен состанок. Раководителот на Секретаријатот, заменикот-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, го отвори состанокот и се осврна на значењето на Секретаријатот за реализација на мерките предвидени во Стратегијата за реформа во јавната администрација.

 

Како што истакна Бајдевски, станува збор за работа којашто бара целосна посветеност, а резултатите ќе бидат од голема важност за сите граѓани на долг рок.

 

„Претставниците на институциите што се дел од Секретаријатот имаат клучна улога во водење на реформите, мерките и активностите предвидени во СРЈА. Станува збор на континуиран процес, како еден од предусловите за влез во НАТО и Европската Унија“, истакна Бајдевски.

 

Заменик-министерот Бајдевски, се осврна на процесот на изработка на СРЈА, каде во четири работни групи беа вклучени сите заинтересирани страни.

 

На состанокот, беа разгледани нацрт СРЈА и Акцискиот план. Присутните разговараа за предвидените активности, конкретните задачи за реализација на зацртаните цели и мониторингот на нивната реализација.

 

Во Секретаријатот, од МИОА членуваат и државниот секретар Јахи Јахија и Билјана Николовска Жагар, кабинетски советник за јавна администрација.

 

Секретаријатот ќе биде во постојана комуникација со Советот за спроведување на СРЈА, со којшто раководи Претседателот на Владата, Зоран Заев, и има за цел да обезбедува стручна и техничка поддршка.

 

Во наредниот период, СРЈА се очекува да биде освоена на седница на Влада, по што ќе се започне со активно спроведување на предвидените мерки во сите четири области.

 

Претходно, на јавна дискусија со СРЈА и Акцискиот план беше запознаена и пошироката јавност.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација