Манчевски: Во соработка со бизнис заедницата ќе работиме на подобрување на условите за е-трговија во Македонија

Скопје, 29 март 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес конференцијата на првата Асоцијација за е-трговија во Македонија, се осврна на заложбите на Владата за обезбедување на услови за зголемување на е-трговијата во Македонија.

 

 

„Не може да зборуваме за услуги било од страна на Владата, било од страна на трговијата/бизнисите, а да не покажеме свесност за дигиталните способности и вештини на граѓаните. Е-услугите можат да ја зголемат побарувачката. Тие, исто така, отвараат можности за нови предизвици: луѓето без дигитални вештини или пристап до интернет ризикуваат понатамошно социјално и економско исклучување, бидејќи порталите за основните услуги се префрлаат на интернет“, истана министерот Манчевски.

 

Владата и МИОА се залагаат и подржуваат иницијативи кои своите темели ги градат на принципите на транспарентност, отчетност, отвореност, инклузивност.

 

„Сакаме да го трансформираме односот меѓу граѓаните и државата пренесувајќи повеќе моќ во нивните раце и одговарајќи, односно приспособувајќи се на нивните потреби. Во таа насока, во тек се активности за развој на портал за е-услуги и Регистар на население, чијашто цел е да ја зголеми ефикасноста на државните институции. Порталот ќе обезбеди побрзи и поедноставни услуги, преку создавање единствена точка на контакт помеѓу граѓаните и бизнисите, од една страна и давателите на услугите, од друга“, посочи министерот Манчевски.

 

Во наредниот период министерот Манчевски како почесен член на Асоцијацијата ќе биде во постојана комуникација со цел соработка во реализација на активностите на МИОА и на Асоцијацијата.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација