Инвестирањето во инфраструктурата, во човечките ресурси и во капацитетите во администрацијата создава креативно опкружување

Скопје, 19 април 2018 година

На последната панел сесија „Дигитална економија и општество“, во рамки на Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан,  се разгледуваа практичните услови за дигитална поврзаност на Западен Балкан за воспоставување соодветна рамка за нивно дигитално поврзување.

 

Свое излагање имаше и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој се осврна на можностите  за дигитална трансформација, односно можностите што економијата на податоци може да ги обезбеди во регионот.

 

Министерот Манчевски оцени дека после одржувањето на овој самит е многу полесно да се реализираат сите предвидени проекти зашто ја имаме регионалната поддршка. Сите влади партиципираат и покажуваат силна политичка волја за дигиталната агенда и трансформација на регионот.
„Охрабрува и поддршката од ЕУ. Таа овде, во Скопје, е дефинитивно потврдена“, рече Манчевски.

 

Тој истакна дека е сосема јасно и има логика зошто министерството што тој го раководи ги врзува информатичкото општество и администрацијата. Тоа е природна врска бидејќи администрацијата со силни капацитети и вештини од дигиталната технологија е основата за добри е-услуги за граѓаните и за бизнисот во градењето на дигиталната економија и општество.

 

Министерот Манчевски информираше и за најновите проекти за нови е-алатки и ресурси на Владата на РМ, како што се електронскиот регистер на населението, алатката е-транспарентност, и алатката е-отворени податоци.

 

Министерот Манчевски истакна дека овој процес е иреверзибилен, нема враќање назад, и на владата и останува целосно финансиски да ги поддржи проектите. Од огромна помош, потенцираше Манчевски, ќе биде пристапот до фондовите за дигиталната агенда на ЕУ.

 

Во таа насока беше и учеството на Дејвид Рингроуз, ГД КОНЕКТ при Европската Комисија. Тој на почетокот се наврати на фактот дека премиерите од регионот ја даваат целосната и безрезерваната поддршка на развојот на европскиот единствен дигитален пазар, и дека тоа е многу мотивирачка порака.

 

Во насока на остварување на услови за дигитална економија тој потенцираше дека практичните мерки како што се единствени роаминг цени за цела Европа, и другите сервиси за поддршка на бизнисите.

 

Истовремено, тој нагласи дека со развојот на условите за дигитална економија неопходно е да се има и безбеден дигитален пазар, ни треба и безбеден интернет, подготвен да одговори на сајбер нападите.

 

Како особено важен Дејвид Рингроуз го истакна фактот дека темата Е-Влада ќе биде на врвот на агендата на претседавањето на Австрија со ЕУ од јули до крајот на оваа година.

 

Директорката на Британскиот совет за Босна и Херцеговина Лариса Халиловиќ, говореше за едно исклучително искуство кое Британскиот Совет во нејзината земја го спроведе со 22 градови од Западен Балкан, кои со оваа иницијатива се стекнаа со можност да се поврзат со исто толку градови во Велика Британија преку интернет платформа. Нивото на дигитален развој на британските градови беше далеку над оној на градовите од Западен Балкан е едно искуство, но желбата за соработка на балканските градови беше навистина зачудувачко, информираше Халиловиќ. Таа информираше дека дури 129 градови сакаа да бидат дел од проектот. Нивната волја беше премногу индикативна, желбата да се вклучат, да бидат во мрежата беше восхитувачка, а најдобрите решенија за соработка дојдоа од младите луѓе, рече Халиловиќ.

 

Михајло Јовановиќ, директор на Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација, во Владата на Република Србија говореше за условите што ги создала неговата земја за поддршка на дигиталната економија како што се проектите е-потписи, е-управа, како и порталот за отворени податоци.

 

Мирлинда Карчанај од Национална агенција за информатичко општество на Република Албанија, информираше дека Владата на Република Албанија обезбедила дури 1325 услуги за граѓаните на дигитална платформа, меѓу кои и услугата е-престој за инвеститори за нивниот престој за време на периодот додека се во фаза на инвестиции во земјата. Овие мерки на владата оствариле заштеда за граѓаните од 250 часови време кое претходно било потрошено на како и 250 илјади евра кои порано граѓаните ги плаќале за овие услуги.

 

Извршниот директор на ВИП Македонија Мислав Галер, зборуваше за подготвеноста на индустријата да учествува во дигиталната трансформација. Во таа насока тој рече дека инвестициите во инфраструктурата, иако тоа е основниот бизнис на телекомите, се прават и заради тоа да се биде во тек со барањето на корисниците и со политиките на владите. Подготвени сме за за соработка со граѓаните, со владите, со организацијата вклучени во дигиталната агенда, рече Галер.

 

Душан Радошевиќ, директор на компанијата САП за Југоисточна Европа, една од најголемите софтвер компании во регионот, истакна дека верува во придобивките на дигитализацијата. Токму затоа неговата компанија била еден од спонзорите за изработка на студијата „Влијанието на дигитализацијата на просперитетот на Западен Балкан“. И тој стави акцент на потребата од поголема безбедноста на интернет, како и на новата генерација софтвери поврзани со големи бази на податоци. Радошевиќ нагласи дека дигиталната трансформација ќе донесе можности за нови вработувања, особено заради развојот на блокчејн технологијата и роботиката.

 

Со сесијата „Дигитална економија и општество“ модерираше Васко Кроневски, извршен директор на Некстсенс од Скопје, кој рече дека со „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ сите сомневања исчезнаа, и дека поддршката што доаѓа од владите во регионот е мотивирачка за индустријата и за целосната дигитална трансформација.

 

 

 

Со почит,

Тимот на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан