Манчевски: Регистарот на население ќе ги доближи услугите до граѓаните

Скопје, 20 април 2018 година

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска организираше јавна трибина за Законот за централен регистар на население и Законот за електронско управување и електронски услуги.

 

На јавната трибина свое обраќање имаше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој се осврна на придобивките за граѓаните од овие два нови закони.

 

„Само ден после Дигиталниот Самит, започнуваме со реализација на планираните активности, кои ќе придонесат кон дигитализација на Македонија. Регистарот на население е основа и за порталот за е-услуги, каде граѓаните ќе можат најголем дел од услугите кои секојдневно им се потребни да можат да ги добијат по електронски пат. Ова претставува платформа за креирање на електронски идентитет на граѓаните и постојано ќе се надградува со податоци од други институции. Регистарот на население има за цел да ги донесе услугите до граѓаните, на поедноставен начин да се добиваат сите потребни документи, што ќе придонесе до подобрување на квалитетот на животот “, истакна министерот Манчевски, потенцирајќи дека регистарот на население не е и нема да биде замена за попис на население.

 

Како што информираше тој, регистарот на население под определени услови ќе биде даден на користење и на комерцијалните институции, што ќе отвори и нови можности и зголемување на придобивките за граѓаните.

 

На трибината се обратија и странскиот правен експерт Георги Димитров, и претставниците на граѓанскиот сектор како партнери на овој процес, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар и Љупчо Петковски од Евротинк.

 

Како што истакнаа тие станува збор за процес, што не завршува со еднократно донесување на регистар на население. Целта е да се надмине проблемот со шетање по шалтери, за сите граѓани, а особено за социјално ранливите категории. Регистарот на население ќе го надмине и проблемот на постоење на различни податоци во различни институции.

 

На јавната трибина беа презентирани и клучните приоритети и мерки на Владата, за квалитативни реформи во начинот на обезбедување на административните услуги.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација