Создавањето на демократски медиумски амбиент, активна транспарентност и пристапноста, во фокусот на концептот за отворена владa

Скопје, 9 мај 2018 година

Во рамки на конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2018-2020“, беа презентирани мерките и активностите кои во изминатите единаесет месеци ги реализираше Владата, надвор од предвидените мерки во последниот акциски план.

 

Како што рече Илија Жупановски од одделението за Дигитална транспарентност во Владата на РМ, создавањето на демократски медиумски амбиент, активна транспарентност и пристапноста се трите аспекти кои се во фокусот на Владата.

 

„Во својата Програма за работа 2017 – 2020, како и во највисокиот реформски документ Планот 3-6-9, Влада вклучи пакет активности кои недвосмислено се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност и ја одразуваат заложбата за целосно имплементирање на концептот отворена влада. Владата спроведе и серија на консултативни средби со граѓански и медиумски организации за досега спроведените активности во рамки на Агендата за транспарентност, а сите предлози за нејзино унапредување се земени предвид при преземање на идни чекори “, истакна Жупановски.

 

Укинувањето на владиното рекламирање, редовни неделни владини прес конференции, отворени дебати за измени на законите за медиуми, аудио и аудио визуелни медиумски услуги,објавување дневни редови и записници од владините седници, објавување и ажурирање на 21 документ од јавен интерес од страна на министерствата и другите институции, објавување на договори склучени преку јавни набавки на електронскиот систем за јавни набавки, објавување информации за службените трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари, објавување на Граѓански буџет, декласификација на информации, измени во законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бесплатни услуги од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности за истражувачко новинарство, зголемување на рокот за коментирање на ЕНЕР од 10 на 20 дена и изработка на Адресар на граѓански организации , се само дел од мерките кои ги презентираше Жупановски, а кои се дел од активностите спроведени од Владата изминатите 11 месеци, а се во релација со принципот за отворено владино партнерство.

 

Свое обраќање имаше и Еми Бенет, од канцеларија за информативни услуги на владата, од Националниот архив на Соединетите Американски Држави.

 

Бенет го сподели искуството на САД, како креатори на идејата за ОВП. Таа се осврна на техничките можност за вклучување на сите граѓани, независно од местото на живеење. Споделувајќи глобални искуства, Бенет посочи кои аспекти се клучи да бидат опфатени во новиот акциски план. Потенцирањето на придобивките од корелацијата помеѓу тоа што се потребите на граѓаните и граѓанските организации и тоа што јавните институции го прават, е клучно за поголема вклученост во процесот на ОВП.

 

Златко Атанасов од Парламентарен институт, зборуваше за предизвиците и одлуката на Парламентот да се вклучи во ОВП. Поради општествено-политичките ситуации во земјата во изминатите неколку години, ова е прв акциски план во кој што се вклучува и Парламентот. Атанасов зборуваше за спремност на институцијата да се отвори за сите граѓани и во процесот на креирање на политики.

 

Во текот на овие два дена МИОА како одговорно министерство за спроведување на ОВП, отвора дискусија за четвртиот Национален акциски план 2018-2020. Целта е да се промовира идејата на ОВП и досегашните искуства во имплементацијата на претходните три акциски планови. Претставниците на јавните институции и граѓанскиот сектор, работејќи во групи во три различни области, имаат можност да дадат свој придонес во креирање на инклузивен акциски план за следните две години.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација