Манчевски: Заклучоците од Дигиталниот Самит се дел од агендата на ЕУ

Скопје, 17 мај 2018 година

Заклучоците од првиот Дигитален Самит, што само пред еден месец се одржа во Скопје, веќе се дел од агендата на Европската Унија, во контекст на поддршка и унапредување на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.

 

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, од самитот на ЕУ и Западен Балкан, информираше дека иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во фокусот на овие мерки е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада како и дигитализација на индустријата.

 

Ова е силна потврда дека активностите кои изминатиот период ги превзема Министерството за информатичко општество и администрација и Владата, во правец на целосна дигитализација на Македонија, наидуваат на поддршка од ЕУ.

 

Само со регионалната соработка на која се обврзавме на Дигиталниот самит, ќе постигнеме трансформација и поврзување на регионот, а тоа е единствениот начин за влез во ЕУ.

 

Министерството за информатичко општество и администрација по повод 17ти Мај, Меѓународниот ден на телекомуникации и информатичко општество, уште еднаш се обврзува на реализација на сите најавени активности во областа на информатичкото општество.

 

Во наредниот период ќе ги објавиме националните стратегии за широкопојасен интернет и за сајбер безбедност, а до крајот на годината ќе ја објавиме и долгорочната стратегија за ИКТ. Во август, МИОА ќе ги пушти во употреба националниот портал за е-услуги, и новиот портал за отворени податоци. Тоа што е од особена важност за сите граѓани е дека конечно услугите ги носиме до нивните домови. Најчесто бараните документи, граѓаните ќе можат да ги добијат по електронски пат, брзо, едноставно и ефтино.

 

Преку дигитализација и професионализација на администрацијата, конечно граѓаните ќе добијат институции кои се нивен сервис и одговараат на нивните потреби и барања.

 

Министерство за информатичко општество и администрација