Сподели:

Министерот Шаќири дел од вебинар посветен на предизвиците за Сајбер безбедност

Скопје, 22 октомври 2020

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, учествуваше на вебинар организиран од NEXUS - Civil Concept и одделот  за јавна дипломатија на НАТО во Брисел. Вебинарот е дел од проектот насловен како: „Сајбер Хигиена: Разбирање на предизвиците за сајбер безбедност како важен дел од клучната задача на НАТО за колективна одбрана“.

Во своето обраќање, министерот Шаќири се осврна на активностите што се преземаат во насока на заштита во интернет просторот:

„На почетокот на оваа година, Република Северна Македонија оствари една од своите стратешки цели и стана 30-тата членка на НАТО.  Сепак, членството во НАТО може да придонесе да станеме поинтересна мета за сајбер и хибридни напади. Во таа насока, работиме на зајакнување на своите одбранбени сајбер способности со подобрување на законските и институционалните рамки, како и на зголемување на ресурсите за справување со интернет закани. Целта ни е да станеме поотпорни на инциденти и побрзо и поефикасно да се справиме со сајбер заканите кои секој ден стануваат сè покомплексни“, истакна министерот Шаќири.

Според министерот, сајбер безбедноста треба да се сфати како неопходна општествена одговорност.

„Светската пандемија нè натера да ја забрзаме дигитализацијата на информациските системи на државните и јавните институции со цел да понудиме што е можно повеќе електронски услуги спрема граѓаните и бизнисите. Притоа, државните институции располагаат со голем број податоци за граѓаните во електронска форма. Заштитата на овие податоци ја наметнува потребата административните службеници да се свесни и да  практикуваат повисоко ниво на сајбер хигиена во секојдневното работење. За остварување на оваа цел, во наредните месеци планирана е соработка помеѓу МИОА и Националниот центар за справување со компјутерски инциденти (MKD-CIRT) во рамки на АЕК за спроведување на интерактивни он-лајн обуки за сајбер-безбедност наменети за административни службеници и раководен кадар“, рече министерот Шаќири.

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form