Сподели:

Министерот Јетон Шаќири учествуваше на 16-та меѓународна конференција е-Society, во организација на „Метаморфозис“

Скопје, 25 ноември 2020

Министерот за информатичко општество и администрација д-р. Јетон Шаќири учествуваше на меѓународната конференција е-Society на тема „Вклученост и ефективност-добро управување и интернет“, што се одржа онлајн, во организација на здружението “Метаморфозис“.

Министерот Шаќири беше еден од главните говорници на воведната сесија насловена како: „Клуч за добро управување-отворени процеси и податоци“, заедно со Дејвид Гир, Амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија и Кристина Реинсалу, Директор на програмата за е-демократија во Академијата за е-владеење од Естонија.

Важноста на доброто управување и улогата на дигиталната агенда во унапредувањето и зајакнувањето на демократијата, беа во фокусот на нивното излагање.

„Дигиталната агенда за Западен Балкан е тесно поврзана со активностите кои ние како министерство до сега ги реализиравме, но и ги планираме во наредниот период. За да го намалиме дигиталниот јаз, мора да обезбедиме сите граѓани да можат да ги користат придобивките од новите технологии. Владата ќе продолжи да соработува со сите граѓани, невладини организации и останати партнери со цел економски напредок, но и ќе остане флексибилна и одговорна при нови можности и предизвици“, истакна во својот говор министерот Јетон Шаќири.

Министерот Шаќири потенцираше дека МИОА е координатор на иницијативата за Отворено Владино Партнерство, која ја потврдува  заложбата за континуирано подобрување на работата на Владата  темелено  на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

Министерот посочи дека континуирано се работи и на поттикнување на објавувањето и користењето на отворените податоци, со крајна цел да се зголеми транспарентноста и отчетноста на државните институции, да се подобри квалитетот на услугите кои тие ги нудат, да се зголеми свесноста на сите чинители во процесот за отворените податоци, а во исто време да се поттикнат и иновациите.

Министерот Шаќири воедно се осврна и на важноста од слобода на изразување и слобода на медиумите, заштита на медиумскиот плурализам, право на информирање, развој на медиумите и независна продукција и развој на медиумската писменост, нагласувајќи дека спречувањето на ширењето на лажни вести е една од областите каде што е потребен поголем ангажман од сите засегнати страни во општеството.

„Критичкото размислување и медиумската писменост се најважните алатки кои можеме да ги примениме во борбата со лажните вести. Ова се основни вештини со кои треба да располага целокупното население за да може да се снајде во дигиталниот свет. Според истражувањата и проекциите на Европската унија, по 2020 година дури 90% од работните места ќе бараат одредено ниво на дигитални вештини. Ова е земено предвид при изработката на долгорочната ИКТ стратегија, која е моментално во завршна фаза. Еден од главните столбови во оваа стратегија се дигиталните вештини. Ќе работиме на унапредување на дигиталните вештини на целокупното население “, истакна министерот Шаќири.

Министерот потенцираше дека интернет просторот треба да биде слободен, неутрален и достапен за сите, а граѓаните да бидат заштитени од постојаните ризици. Затоа, како што рече, обезбедувањето на  отворен, слободен доверлив и безбеден сајбер простор е издвоена како една од најважните цели на Стратегијата.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form