Министерот Шаќири се обрати на третата национална вежба за координација и комуникација при одговор на инциденти за компјутерска безбедност
Скопје, 21 декември 2020 година
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се обрати на третата национална вежба за координација и комуникација при одговор на инциденти за компјутерска безбедност, што се одржа онлајн, во организација на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Националниот Центар за компутерски инциденти (MKD-CIRT)
„Организацијата на национални вежби во соработка со сите чинители кои се дел од сајбер безбедноста е предвидено со Националната Стратегија за сајбер безбедност 2018-2020, а на оперативно ниво и во Акцискиот План. На почетокот на оваа година, Република Северна Македонија оствари една од своите стратешки цели и стана 30-тата членка на НАТО. Сепак, членството во НАТО, покрај добрите страни, може да придонесе да станеме поинтересна мета за сајбер и хибридни напади. Од таа причина, редовното одржување на овој тип на вежби е неопходно за да станеме отпорни на сајбер инциденти и побрзо и поефикасно да се справуваме со комплексните сајбер закани на национално ниво“, истакна министерот Шаќири.
Министерот Шаќири посочи дека поради светската пандемија со Ковид 19, со забрзано темпо се развива дигитализацијата на информациските системи на државните и јавните институции, со цел да бидат досташни што е можно повеќе електронски услуги спрема граѓаните и бизнисите и затоа е неопходна поголема заштита на податоците.
„Заштитата на овие податоци ја наметнува потребата, административните службеници да се свесни и да практикуваат повисоко ниво на сајбер хигиена во секојдневното работење. За остварување на оваа цел, во наредните месеци МИОА и MKD-CIRT ќе соработуваат во насока на спроведување на интерактивни он-лајн обуки за сајбер-безбедност наменети за административни службеници и раководен кадар“, рече министерот Шаќири.
Министерот потенцираше дека во меѓусебно поврзаниот интернет свет, сите ја делиме одговорноста за обезбедување на сајбер просторот. Исто како што возачите ја делат одговорноста за безбедноста на патот, сите ние ја делиме истата глобална мрежа и затоа мора да ја сметаме сајбер безбедноста како неопходна општествена одговорност.
На настанот, на кој се обрати и директорот на АЕК Сашо Димитријоски, учествуваа професионалци од областа на сајбер безбедноста во државата, како и претставници од приватниот сектор и од академската заедница.
Министерство за информатичко општество и администрација