Средба на министерот Шаќири со високите претставници од Делегацијата на Европската Унија, Бертолини и Јанмаат [1]

Скопје, 15 септември 2020
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска одржа заедничка средба со Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија и со Фрек Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегацијата на ЕУ.
Министерот Шаќири изрази благодарност до Делегацијата на ЕУ за континуираната поддршка и успешната соработка во однос на реформите на јавната администрација и дигитализацијата, почнувајќи од воспоставувањето на платформата за интероперабилност со ИПА 2010 како основа за развој на Националниот портал за е-услуги и на Регистерот на население во рамки на ИПА 2012 и 2013.
На средбата беше договорено да продолжи соработката, како и пренесување на најдобрите практики во ЕУ кои резултираа со подобрување на состојбите согласно последните Извештаи на Европската Kомисија.
Воедно, министерот Шаќири изрази задоволство што Делегацијата на ЕУ и понатаму ќе биде главниот партнер во однос на РЈА и во иднина, преку дигитализација на регистрите и развој на е-услуги, како дел од значајниот договор за услуги „Јакнење на е-Влада“, но и преку реорганизација и оптимизација на органите на државната администрација преку проектот „Поддршка за реорганизација на државата“, подготовка на долгорочна стратегија за ИКТ и други проекти.

Министерство за информатичко општество и администрација