Одговори на поставените прашања за ЗОУП

1. Прашање:

Како Овластен инспектор за спорт на Град Скопје, соочен сум со контрадикторност на Законот за спорт член 71 став 3 во однос на Законот за инспекциски надзор член 42. Во материјалниот Закон за спорт е наведено дека по извршениот инспекциски надзор од моја страна Решение донесува Градоначалникот на Град Скопје (член 71 став 3), што се коси со духот и правните норми во Законот за инспекциски надзор (член 42). Со тоа е доведена во прашање автономијата и самостојноста во работењето на Овластениот инспектор за спорт, кој е соочен со дилема дали воопшто да постапува во носење на било какво Решение, како не би повредил некој од овие закони. Сето ова во неколку наврати е констатирано и од управната инспекција. Ве поздравувам и ве молам за совет, како би можел ефикасно да ја спроведувам управната постапка (чиј составен дел е и донесувањето на соодветно Решение при инспекцискиот надзор).

  • Одговор:

Почитуван,

По однос на Вашето прашање укажуваме на следното: Согласно член 88 став (6) од ЗОУП управниот акт го потпишува овластено службено лице, а во членот 24 став (3) е определено дека овластеното службено лице ја води и комплетира постапката. Во член 2 став (2) од ЗОУП  е предвидена примарна примена на овој закон. Со оглед на тоа што Законот за спорт, како посебен закон, не е усогласен со одредбите на ЗОУП и ЗИН, во конкретниот случај упатуваме на примена на одредбите од Законот за општата управна постапка и Законот за инспекциски надзор. Истовремено, укажуваме дека во актот за систематизација на институцијата потребно е како работна задача за секој вработен кој води управна постапка, во делот на работи задачи и обврски да биде наведено и водење на управна постапка.

 

2. Прашање:

Потребен ми е совет во врска со следното прашање. Јас сум овластено лице за одговарање на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер во име на Службата. Оваа функција ја извршувам редовно и одговорно повеќе од три години. Во 2018 година регистрирав Здружение на граѓани за заштита на правата на административните службеници и за заштита на државниот имот, во кое сум избрана за претседател на здружението. Директорот на Службата во законски рок е известен за тоа на пропишан начин Сметам дека мојата позиција на овластено лице е неспојлива со мојата функција во здружението и планирам да побарам изземање, затоа што ќе дојдам во ситуација јас да поставувам Барања и јас самата да си одговарам на прашањата, што според мене е пример за неспојливост. Барам ваше мислење.

  • Одговор:

Почитувана,

Во членот 25 став (1) од Законот за општата управна постапка е утврдено следното: Со цел да се обезбеди непристрасноста на овластеното службено лице, службеното лице нема да учествува во управната постапка ако настане некоја од следните ситуации:
- службеното лице има непосреден или посреден личен интерес во конкретниот предмет;
- службеното лице со странката или со застапникот на странката е роднина по крв во права линија или роднина по крв во странична линија заклучно до четврти степен, брачен другар или партнер од вонбрачна заедница, или роднина по брачниот другар заклучно до втор степен, дури и тогаш кога брачната односно вонбрачната заедница престанала;
- службеното лице со странката или со застапникот или полномошникот на странката е во однос на старател, посвоител, посвоеник или хранител;
- службеното лице или лицата наведени во алинеите 2 и 3 од овој став учествувало во постапката како странка, сведок, вештак, адвокат или застапник на странката;
- службеното лице или лицата наведени во алинеите 1 и 2 од овој став имаат непосреден или посреден интерес во предмет поврзан со конкретниот предмет;
- поведена е судска постапка помеѓу странките и службеното лице или лицата наведени во алинеите 2 и 3 од овој став;
- службеното лице или лицата наведени во алинеите 2 и 3 од овој став се должници или доверители на странките;
- службеното лице остварува надоместок од странката или е член на управниот одбор, надзорниот одбор или слично тело на странката;
- службеното лице или лицата наведени во алиениет 1 и 2 од овој став имаат примено подароци од странките пред или по поведувањето на управната постапка или
- службеното лице веќе учествувало во работата во текот на првостепената постапка.

Ставот (2) од истиот член пропишува дека Доколку настане некој од случаите од ставот (1) на овој член, службеното лице, односно членот на колегијалниот јавен орган, без одлагање бара изземање од учество во постапката од својот претпоставен, односно од колегијалниот јавен орган. Исто времено Ве упатуваме на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, каде во член 8 став (1) е утврдено дека секој имател на информации за посредување определува едно или повеќе службени лица при остварувањето на правото на слободен пристап до информации. Ова дава можност, во конкретниот случај да се овласти друго лице кое ќе постапува по предметот на кој се однесува Вашето прашање. Со оглед на тоа дека орган надлежен за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, упатуваме на можноста мислење да се побара и од овој орган. Ова од причина што конкретното прашање не е предмет на уредување на Законот за општата управна постапка.

3. Прашање:

Дали при првостепена управна постапка службено лице во својство на раководител на одделение кое потпишува управни акти, треба да учествува во постапката кога знае дека полномошник на странката е негов син и документацијата по која одлучува во управната постапка е изработена од член на потесно семејство (сопруг, син, ќерка)?

  • Одговор

Почитуван,

Евидентно е дека Законот за општата управна постапка, вклучително во членот 25 кој го уредува изземањето на службеното лице од учество во управна постапка во одредени ситуации, прави разграничување меѓу поимите на полномошник и застапник.

Од содржината на поставеното прашање, во Вашиот случај може да постои потенцијален судир на интереси. Сепак, заради фактот што судирот на интереси првенствено е етичко прашање, како и поради фактот што истото е предмет на уредување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/19), Ве упатуваме вашето прашање да го проследите до Државната комисија за спречување на корупцијата, како орган надлежен за спроведување на овој закон.